dcsimg

Воден трскар ( Macedonian )

provided by wikipedia emerging languages

Водниот трскар (науч. Acrocephalus paludicola) е мала врапчевидна птица од кладот Sylvioidea (трскари). Се размножува низ умерена источна Европа и западна Азија, со популација што е намалена на 15.000 пара. Таа е птица преселница што зимува во западна Африка. По многу години несигурност каде точно зимуваат овие птици, конечно (2007) е откриено дека само во Националниот резерват на птици - Џуџ во Сенегал, зимуваат меѓу 5-10.000 птици.[2]

Опис

Водниот трскар е со средна големина во неговата фамилија. Долг е 12-13 см. Одозгора е кафеавоцрвеникав, избразден со потемни шарки, над опашката е потокаловокафеав со ситни прошарувања, а одоздола е жолтобел. Има впечатлива светла линија над окото, круната на главата му е темно кафеава со светла линја на средината. Клунот му е силен, тенок и елегантен. Половите се исти.

Однесување

Живеалиштето на водниот трскар за време на сезоната на парење се влажните, мочурливи предели со вегетација до 30 см, со плитка вода, од 1 до 10 см. Тоа се речните долини, мочуриштата, барите, бреговите на езерата, со трски и ниски грмушки кои ќе му служат на мажјакот за перчење и пеење. Пеењето на птицата е разговорливо тпр-р-р-р-р-р-р тпр-р-р-р-р-р-р тпр-р-р-р-р-р-р, испрекинато со типични свиркања.

Исхрана

Оваа птица се храни со поголеми членконоги животни, разни пајаковидни животни, муви, пеперуги и нивните гасеници, водни молци и слично. За разлика од другите трскари, младенчињата се хранат со релативно големи членконоги. Вон сезоната на парење може да јаде и разни бобинки и семиња.

Размножување

Водниот трскар има специфичен начин на размножување кој е помеѓу промискуитет и полигинија[3]. Мажјаците речиси целосно се ослободени од грижата за пилињата, тие ја воспоставуваат својата територија која опфаќа 8 хектари, но се преклопува сo територијата на другите мажјаци, па основната територија е околу 1ха. Во текот на сезоната на парење, од почетокот на мај до крајот на јули, интензивно се „рекламираат“, пеат и ги привлекуваат женките. Гнездото го градат на сува земја, меѓу трските. Женката несе 3-5 јајца, која ги инкубира и одгледува сосема сама. Успешноста на леглата е доста висока, околу 83%, а загубите од предатори изнесуваат околу 11%. Половина од женките имаат и второ легло. На околу 59% од леглото татковци се различни мажјаци.[4]

Статус и заштита

Водниот трскар е најредок и единствен загрозен вид од врапчевидните птици во континентална Европа. На глобално ниво е класифициран како ранлив, а на европско како загрозен. Некогаш широко распространет и броен во мочурливите и влажни ливади низ Европа, водниот трскар сега е исчезнат во поголемиот дел од неговиот опсег. Денес, неговата светска популација од само 12.100-13.800 возрасни мажјаци е ограничена на помалку од 40 редовни места за размножување, во само шест земји, со четири локации кои се поддржани и заштитени, каде се размножува 80% од светското население.

Оваа птица редовно се размножува во Белорусија, Германија, Унгарија, Литванија, Полска и Украина (нередовно во Русија и Латвија). Видот е изумрен во Западна Европа во текот на 20 век и има драматично намалување во централна Европа. Порано се размножувал и во: Франција, Белгија, Холандија, поранешна Западна Германија, поранешна Чехословачка, поранешна Југославија, Австрија и Италија. Планот и програмата, како и мерките што се преземаат за заштита на оваа птица може да ги видите во Списокот на проекти за заштита 2010.pdf

Наводи

  1. BirdLife International (2012). Acrocephalus paludicola. Црвен список на загрозени видови на МСЗП. Верзија 2012.1. Меѓународен сојуз за заштита на природата. конс. 16 July 2012. (англиски)
  2. Expedition solves Aquatic Warbler mystery, Birdlife International (2007). Retrieved 2012
  3. Leisler, B. & Wink, Michael (2000): Frequencies of multiple paternity in three Acrocephalus species (Aves: Sylviidae) with different mating systems (A. palustris, A. arundinaceus, A. paludicola). Ethology, Ecology & Evolution 12: 237-249. PDF цел текст
  4. Dyrcz 1993; Dyrcz & Zdunek 1993; Schulze-Hagen et al. 1993, 1995; Kozulin & Flade 1999; Kozulin et al. 1999

license
cc-by-sa-3.0
copyright
Автори и уредници на Википедија

Воден трскар: Brief Summary ( Macedonian )

provided by wikipedia emerging languages

Водниот трскар (науч. Acrocephalus paludicola) е мала врапчевидна птица од кладот Sylvioidea (трскари). Се размножува низ умерена источна Европа и западна Азија, со популација што е намалена на 15.000 пара. Таа е птица преселница што зимува во западна Африка. По многу години несигурност каде точно зимуваат овие птици, конечно (2007) е откриено дека само во Националниот резерват на птици - Џуџ во Сенегал, зимуваат меѓу 5-10.000 птици.

license
cc-by-sa-3.0
copyright
Автори и уредници на Википедија