Канука (латински: Kunzea ericoides, маорски: Kānuka, бело чајно дрво или бурган)[1] е дрво или грмушка која расте само во Австралија и Нов Зеланд. Сѐ до 1983 г., кануката се сметала за припадник на родот Тенкосеменици (Leptospermum).
Кануката се среќава во Австралија и Нов Зеланд. Во рамките на Австралија, таа вирее во Јужна Австралија, Викторија, Нов Јужен Велс и Квинсленд.
Најраспространета е во крајбрежните честаци и како колонизатор на претходно опожарен терен, или пак поранешно земјоделско земјиште кое се враќа во природна состојба. Забележани се примероци и на 2000 метри надморска височина. Со нејзините мали, но многубројни цветови, ова растение може да обои цел рид во бело, и со тоа да даде ефект на снежна падина. Дрвото е многу тврдо и, иако не е издржливо во земја, се користи за пристанишни колци и рачки за алат. Кануката е особено популарен огревно дрво и гори мошне интензивно, ослободувајќи големо количество на топлина. Во Нов Зеланд, кануката расте до 30 метри во височина, со пречник на стеблото до 1 метар.
Папагалите од видот Какарики (Cyanoramphus) ги користат листовите и кората на Кануката и на сродното дрво Манука, за да се ослободат од паразити. Освен што го голтаат материјалот, тие истиот го џвакаат, го мешаат со маслото од уропигијалната жлезда и така го нанесуваат на крилјата [2]. Мануката и кануката изгледаат слично и често пати луѓето ги мешаат - тие најлесно се распознаваат со опипување на листовите - Кануката има меки листови, додека Мануката има боцкави.[3]
Канука (латински: Kunzea ericoides, маорски: Kānuka, бело чајно дрво или бурган) е дрво или грмушка која расте само во Австралија и Нов Зеланд. Сѐ до 1983 г., кануката се сметала за припадник на родот Тенкосеменици (Leptospermum).